По елиминацијата, Конте се бранеше од медиумски линч

Интер не обезбеди европска пролет по ремито без голови против Шахтар во последното коло, по што Нераѕурите како последни завршија во групата Б со шест бода.

Иако Интер се сметаше за втор фаворит зад Реал Мадрид во групата, тимот на Конте потполно потфрли, па италијанскиот стратег по вчерашниот меч мораше да се брани од нападите на новинарите.

Прес-конференцијата беше бурна, но Конте имаше одговор за секој обид да се најде вина, односно причина за неуспехот.

„Ако сметате дека ни недостасуваше одлучност и желба за победа, тоа е ваше мислење. Јас пак мислам дека дадовме сè од себе да победиме. Направивме сè што беше во наша моќ, уште не ми е јасно како доминиравме во двата меча против Шахтар, а не дадовме ниту еден гол“, почна Конте.

На удар се најде неговата стратегија и замените кои ги направи, Конте чекаше до 68-мата минута за да го освежи составот со влегувањето на Перишиќ на местото од Јанг.

„Санчес доби шанса во последните дваесетина минути. Да го пуштев порано на теренот, со тројца напаѓачи ќе изгубевме баланс во формацијата и можевме да настрадаме. Лаутаро доста се потроши, па го извадив од игра дури кога веќе немаше сили да продолжи“, додаде Конте.

На прашањето зошто Интер се мачеше со Шахтар во двата меча од групите и не даде ниту еден погодок, а претходно во август славеше со 5-0 во полуфиналето од Лигата на Европа, Конте „пукна“ од нервоза.

„Размисли пред да прашаш. Токму поради фактот што победивме 5-0 во тоа полуфинале, Шахтар мораше да ја смени стратегијата и да ни го затвори патот до нивниот гол“, фрустрирано одговори Италијанецот.

За крај, еден од новинарите се надоврза на критиката на Фабио Капело дека Интер нема „план Б“ во ситуација каква што се наоѓаше вчера.

„Како може да немам план Б. Секако дека имам, но нема со вас да разговарам околу тоа“, заврши Конте.

Интер втора година во низа не ја помина групната фаза во ЛШ, па единственото прашање за кое Конте треба да се грижи е дали ќе ја задржи работата на „Џузепе Меаца“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести