Точно пред два месеца се играше финалето на Африканскиот куп на нациите, кога Сенегал со гол во дополнителните 30 минути го победи домаќинот Мароко и ја освои континенталната титула. Сепак, тоа што Сенегал го доби на теренот, го загуби на „зелена маса“.
Мароканците се жалеа затоа што Сенегал сакаше да го напушти финалето, имаше прекин кој траеше 10-15 минути, а на крајот сепак средбата продолжи. Мароко промаши пенал за победа во последните секунди од дуелот, а потоа во дополнителните 30 минути, Сенегал даде гол за победа од 1:0. Сепак, синоќа беше потврдено дека Жалбениот совет на КАФ пресуди дека на Сенегал по службен пат му се одземе титулата, а Мароко е новиот континентален првак.
Ваквата одлука предизвика големи реакции во Сенегал, дури и од челниците и од фудбалерите. Играчот на Лион и сенегалски репрезентативец, Муса Нијакате, испрати порака преку социјалните мрежи. „Засекогаш ние сме шампиони на Африка и никогаш нема да се заморам да го кажувам тоа. Ние ја донесовме втората ѕвезда на дресот на Сенегал“, рече Нијакате, кој потоа објави фотографија во сенегалскиот дрес, со трофејот во раце и медалот. Под таа слика, пораката беше јасна и пишуваше: „Дојдете по нив, вие сте луди“.

Потоа следуваа реакции и од останатите фудбалери на Сенегал. Играчот на Рајо Валјекано, Пате Цис, објави фотографија со трофејот и „емоџи“ со емоција на смеа. Оваа одлука на КАФ ја исмејаа и Ел Малик Диуф, Хавиб Дијара и Исмаил Сар.
Од сенегалската фудбалска федерација (СФФ) не ја прифаќаат оваа одлука и најавија дека случајот сега ќе се префрли на Судот за спортска арбитража.
„Ова е лакрдија. Оваа одлука не се темели на ништо. Нема никаква правна основа. Ќе ангажираме адвокат и ќе се обратиме на Судот за спортска арбитража. Тој треба да ја донесе конечната одлука“, се вели во соопштението од СФФ.
Од Мароканската фудбалска федерација реакцијата е дека се задоволни од одлуката и дека го прифаќаат фактот дека на „зелена маса“ станаа новите фудбалски прваци на Африка.

