Македонскиот фудбалски првак Вардар со 0:2 загуби на свој терен од КуПС од Финска во првиот меч од првото коло во квалификациите за Лигата на шампионите. Црвено-црните беа инфериорни на теренот, речиси не создадоа ниту една вистинска шанса за гол, додека гостите може да жалат што не си заминаа со поубедлив триумф.
КуПС поведе со гол во финишот од првото полувреме, а на почетокот на вториот дел веќе беше 2:0 за гостите. По завршувањето на средбата имаше многу критики кон челниците на Вардар, а по речиси 24 часа од мечот на Арената „Тодор Проески“, со прва реакција на социјалните мрежи се „јави“ извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски.
Неделковски во својата реакција воопшто не го споменува синоќешниот дуел и поразот од КуПС, туку само потсети за сето тоа што е направено во Вардар откако тој е на чело на клубот. Миленко посочува дека Вардар исплатил многу долгови, дека бил освоен Куп-трофеј и титула во првенството, но заборавил да го спомене катастрофалниот настап на европска сцена и високиот пораз од КуПС, што само покажа каде е местото на Црвено-црните во европски рамки.
Според суперкомпјутерот, по првите одиграни средби во квалификациите за Лигата на шампионите, Вардар е тимот со убедливо најмали шанси да оди понатаму. Колкави шанси сега има македонскиот првак за да се пласира во второто кавлификациско коло, може да прочитате ТУКА.

