Победникот во Купот на Италија ќе си се самонагради!

Јувентус и Наполи вечерва од 21 часот на празниот „Олимпико“ во Рим ќе го играат финалето на Купот на Италија, а победничката екипа ќе треба сама да си го земе пехарот, без да чека некој да им го врачи.

Извршниот директор на Серија А, Луиџи де Сиерво, рече дека тимот кој ќе победи, ќе треба да се однесува како во самопослуга.

„Ова ќе го наречам самопослужување. Победниците сами ќе одат до пехарот и медалите и сами ќе си ги земат. На ваков начин сакаме да избегнеме контакт меѓу надворешни луѓе и тимовите”, изјави Де Сиерво.

На мечот нема да има публика, но телевизиските гледачи ќе се насладуваат на „високотехнолошка виртуелна кореографија”. Останува да се види што значи тоа.

Кој и да победи, за неговиот тренер тој ќе биде прв трофеј освоен во Италија. Маурицио Сари, кој е поранешен тренер на Наполи, можеби токму против својот ексклуб ќе го освои првиот пехар на домашна сцена. Сари има еден трофеј и со Челзи. Џенаро Гатузо од Наполи ја чека првата титула во тренерската кариера.

Јуве е најтрофеен клуб во Купот со 13 титули, додека Наполитанците атакуваат на шестиот трофеј во ова натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести