Почнува новата ера со Лазаров: Македонија ќе игра модерен ракомет

Од денес и официјално почнува новата ера во машката ракометна репрезентација заедно со новиот селектор, Кирил Лазаров. Нашиот најдобар ракометар на сите времиња ќе дебитира на селекторското столче против големата Данса во четврток, а на денешниот прв собир на репрезентацијата посочи дека е подготвен за новиот предизвик.

„Ќе дебитирам како селектор, што со сигурност е голем предизвик за мене. Во четврток ни гостува двократниот светски и олимписки првак, репрезентацијата на Данска, но јас сум подготвен за предизвикот со оглед на тоа дека изминативе години бев во вид на десна рака на претходните селектори. Засега сме некомплетни, но очекувам до понеделник сите да бидеме на број и да работиме на она што ни претстојува“, изјави Лазаров, а потоа додаде:

„Моментално сме во време на смена на генерации, што значи дека мора постепено да се надоградуваме. Имаме време да ги корегираме нашите слабости, посветен сум максимално заедно со моите соработници да изградиме нова слика на оваа репрезентација. Посакувам да играме модерен ракомет, бидејќи ова е ракометна нација и не можеш да ја излажеш македонската публика“, посочи новиот селектор.

На почетокот на селекторската функција, Лазаров може и да се најде на теренот како играч, но вели дека би бил среќен иако не се случи тоа.

„Јас би бил најсреќен доколку не играм, меѓутоа имаме долгорочни и краткорочни цели, па ќе одлучуваме во зависност од нив дали ќе се најдам на теренот. Ова е посебен предизвик, но верувам дека ќе ги оствариме сите поставени цели пред нас“, заврши популарниот Кире.

Македонија во четврток (20 часот) ја пречекува Данска во рамките од третото квалификациско коло за Европското првенство, додека три дена подоцна ќе му гостуваме на актуелниот светски првак во Алборг.

 

- Оглас -

Најнови вести