Португалските навивачи се бесни, а причина за тоа е финалето во ЛШ

Втора година по ред Истанбул извиси за организацијата на финалето во Лигата на шампионите откако челниците на УЕФА решија најатрактивниот меч во Европа да биде во Порто. Стадионот „Драгао“ ќе биде домаќин на Челзи и Манчестер сити, а како причина за одземањето на домаќинството на Истанбул е наведена пандемијата со корона-вирусот.

УЕФА одлучи финалето на ЛШ да биде со присуство на публика, но не со полн капацитет. Двата финалисти ќе добијат по 6.000 билети, а останатиот дел од влезниците ќе биде наменет за спонзорите и неутралните фанови. Англичаните инсистираа финалето да се игра во Англија, но нивниот предлог беше одбиен.

За одлуката финалето на ЛШ да се игра во Португалија, а не во Истанбул или да биде префрлено во Англија, не се незадоволни само турските и англиските фанови. И португалските навивачи го изразија својот револт затоа што е дозволено да има фанови на финалето од Лигата на шампионите, но финалето на Купот на Португалија ќе мора да се игра без гледачи.

Брага и Бенфика ќе играат за трофејот во домашниот куп, а тој меч е закажан само шест дена пред финалето во елитното натпреварување на УЕФА. Португалските навивачи се чудат како е можно тие да немаат дозвола да бидат на стадион, а само шест дена подоцна фанови на Сити и Челзи, како и други неутрални гледачи ќе може во живо да го следат финалето од ЛШ.

 

- Оглас -

Најнови вести