Потег на очајник, или маестрална стратегија? Лу ги седна стартерите на клупа на минус 21, резервите на Клиперс приредија сензација

Резервните кошаркари на Лос Анџелес клиперс приредија вистинско чудо на дуелот против Атланта хоукс и беа иницијалната каписла за големиот пресврт што се случи во последните 17-18 минути за победа од 119:110.

При негатива од 21 поен разлика, тренерот на Клиперс, Тајрон Лу, повлече очајнички потег и ги седна на клупа сите стартери, а во игра влегоа пет резерви. До крајот на третиот период имаше шест и пол минути и белото знаме на домаќините доби поинакви победнички бои.

Петорката Ман, Батум, Патерсон, Кенард и Кофи одиграа брилијантна одбрана и направија разлика од 21:10 до крајот на третата четвртина, а потоа продолжи доминацијата на Клиперс.

Домаќините ја добија последната четвртина со 37:20 и победија со 9 поени разлика, иако во еден момент имаа и негатива од 22 поени, 66:88.

Петте резерви што го иницираа пресвртот заедно постигнаа 50 поени.

„Сакав да видам играчи што ќе се борат. Секоја чест за резервите, одиграа неверојатна партија баскет и завршија пеколно добра работа“, изјави Лу по мечот.

Од моментот кога беа заменети сите пет стартери, предводени од големите ѕвезди Ленард и Џорџ, Лос Анџелес клиперс ги надигра гостите со 53:22.

Во еднакво возбудлив меч, Мемфис гризлис предводени од атрактивниот Џа Морант успеа да го победи Бостон селтикс со 132:126 по едно продолжение.

Морант беше прв стрелец со 29 поени, а имаше два исклучително атрактивни потези во победата против фаворитот од Источната конференција.

Резултати: Кливленд – Сакраменто 105:119, Минесота – Оклахома 103:112, Сан Антонио – Шарлот 97:100, Чикаго – Јута 95:120, Хјустон – Торонто 117:99, Мемфис – Бостон 132:126 по едно продолжение, Милвоки – Индијана 140:113, Л.А. Клиперс – Атланта 119:110.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести