Потег за почит: Играчите на Рома донираа 150.000 евра за лекување на фан на Ливерпул

Шон Кокс е 53-годишен навивач на Ливерпул кој беше жртва во нападот на хулиганите на Рома во Ливерпул, пред полуфиналето од Лигата на шампиони кое се играше во април. Кокс кој е татко на три деца, беше нападнат непосредно пред „Енфилд Роуд“.

По нападот, Кокс заврши во болница со потрес на мозокот. Челниците на Рома тогаш го посетија во болница и му порачаа дека ќе му дадат финансиска помош додека трае лекувањето. Жената на повредениот Кокс, Мартина, вели дека нејзиниот маж ќе мора да има лекарска помош до крајот на животот. Шон моментно се лечи во Националниот центар за рехабилитација во Даблин.

Играчите на Рома собраа и донираа 100.000 евра, додека претседателот на клубот Џим Палота ќе додаде уште 50.000 евра.

„Тоа што му се случи на Шон Кокс не смее да му се случи на ниту еден навивач. Нашите мисли се со Шон и со Мартина и нивното семејство. Се надеваме дека ќе се опорави“, рече првиот човек на Рома, Палота.

Во Англија е во тек голема акција за помош на Кокс, а целта е да се соберат два милиони евра. Голем број на фудбалери, тренери и фудбалски работници донираа. Меѓу нив е и Јирген Клоп, кој даде 5.000 евра.

- Оглас -

Најнови вести