Потрес во НБА-лигата: Јанис Адетокумбо од новата сезона ќе игра за Мајами хит

Еден од најголемите трансфери во поновата историја на НБА-лигата е пред реализација откако двократниот МВП, Јанис Адетокумбо, ќе го напушти Милвоки и кариерата ќе ја продолжи во редовите на Мајами хит.

Во изминатиот период како можни дестинации за грчката ѕвезда се споменуваа Бостон, Минесота и Мајами, но според информациите на „ЕСПН“, токму тимот од Флорида успеал да ја добие трката за неговиот потпис.

Според договорот меѓу двата клуба, Мајами во Милвоки ќе ги испрати Тајлер Хиро, Келел Вер, Хаиме Хакез јуниор и Каспарас Јакуционис, како и три избори од првата рунда на драфтот. Покрај Адетокумбо, во Мајами ќе се пресели и Боби Портис.

Трејдот официјално треба да биде комплетиран на 6 јули, по што Адетокумбо и дефинитивно ќе стави крај на својата долга ера во Милвоки.

Грчкиот репрезентативец целата досегашна НБА-кариера ја мина во дресот на Бакс, каде што пристигна како млад талент и прерасна во еден од најдоминантните кошаркари на својата генерација. Со Милвоки ја освои шампионската титула во 2021 година, а двапати беше прогласен за најкорисен играч во лигата.

Во сезоната зад нас, Адетокумбо бележеше просек од 27,6 поени, 9,8 скока и 5,4 асистенции по натпревар, потврдувајќи дека и натаму е меѓу најдобрите играчи во НБА.

Со неговото доаѓање, Мајами добива вистински лидер и играч околу кого ќе ја гради шампионската амбиција во наредните сезони.

- Оглас -

Најнови вести