Премиер лигата со нов рекорд, сезонава се сменети дури 11-мина тренери!

Отпуштањето на Антонио Конте од функцијата менаџер на Тотенхем е 11-та промена на тренер во англиската Премиер лига сезонава и тоа е нов неславен рекорд на отпуштања среде сезона.

Досега не се случило вакво нешто, а серијата разделби почнаа уште во август, кога Скот Паркер беше избркан од Борнмут по понижувачката катастрофа од 0-9 против Ливерпул.

Рано во септември „летна главата“ на Томас Тухел од Челзи, а на негово место дојде Греам Потер, кој беше ослободен од Брајтон.

На почетокот на октомври Вулверхемптон го ослободи Бруно Лаге, а истиот месец и Стивен Џерард мораше да ја напушти Астон вила. Во ноември беше сменет Ралф Хазенхутл од Саутхемптон, а и неговиот наследник Нејтон Џонс не издржа долго, до февруари.

Прв сменет тренер во новата 2023 година беше Франк Лампард од Евертон, а во февруари и Лидс ја прекина неуспешната соработка со Џеси Марш. Во март пред Конте настрада и Патрик Виеира, кој веќе не е менаџер на Кристал палас.

Бројката од 11 сменети тренери може и да порасне до крајот на сезоната, а фаворити за да бидат разрешени се Брендан Роџерс од Лестер, Дејвид Мојс од Вест хем и Јирген Клоп од Ливерпул.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести