Пропадна трансферот кој беше изненадување, па Инсиње сега се врати во Италија

Поранешниот капитен на Наполи и долгогодишен италијански репрезентативец Лоренцо Инсиње ќе ја продолжи кариерата во Сампдорија откако неговиот изненадувачки трансфер во грчкиот Ираклис пропадна. Иако многу медиуми во последните денови објавија дека Инсиње е многу блиску до преселба во Грција, договорот на крајот пропаднал поради финансиски услови за кои двете страни не можеле да се договорат.

Според информациите објавени од извори блиски до преговорите, Ираклис водел сериозни разговори со 35-годишниот напаѓач, кој бил заинтересиран да заигра во грчкиот шампионат. Главната конекција за доаѓање во Ираклис беше тренерот Валтер Мацари, кој од неодамна е на чело на Ираклис. Инсиње и Мацари имаа одлична соработка во минатото и се очекуваше повторно да соработуваат, но финансиската разлика на крајот направи договорот да не биде потпишан.

Инсиње не чекаше долго за нова опција, па искусниот крилен напаѓач ја прифати понудата да игра во тимот на Сампдорија. Овој договор значи враќање на Инсиње во Италија по епизодата која ја имаше во Северна Америка. Инсиње во 2022 година си замина од Наполи како слободен играч и потпиша за Торонто, каде што беше еден од клучните играчи.

Импресивна е кариерата на Инсиње. Повеќе од една деценија го носеше дресот на Наполи, екипа во која одигра преку 430 натпревари, а постигна 120 погодоци. Со Наполи има освоено два Купа на Италија и еден Суперкуп. За репрезентацијата на Италија одигра 54 меча и постигна 10 гола.

- Оглас -

Најнови вести