Реал Мадрид би можел да се соочи со сериозен предизвик околу иднината на Федерико Валверде, бидејќи интересот за уругвајскиот играч од средниот ред постојано расте, а големите европски клубови внимателно ја следат неговата ситуација.
Според информации од Шпанија, првични контакти околу потенцијален трансфер веќе биле воспоставени порано, иако тогаш не постоел простор за конкретни преговори. Сепак, интересот никогаш целосно не исчезнал.
Најголемо внимание привлекува Пари Сен Жермен, кој подолго време бара играч способен да ја поврзува одбраната и нападот, а Валверде совршено се вклопува во профилот што го бараат во Париз.
Но францускиот клуб не е единствен во трката. Сериозен интерес покажува и Манчестер сити, кој го гледа Валверде како идеално засилување за иднината и играч кој може да донесе дополнителна енергија и стабилност во средниот ред.
Во Реал Мадрид засега јасно порачуваат дека Валверде не е на продажба и дека клубот го смета за еден од клучните фудбалери на новата генерација која треба да го носи тимот во наредните сезони.
Сепак, фудбалскиот пазар често знае да донесе пресврти, особено кога се појавуваат огромни понуди кои тешко се одбиваат, па така и оваа ситуација останува отворена.
Валверде во последните сезони се етаблираше како еден од најважните играчи во средниот ред на Кралскиот клуб, а неговата борбеност и константност му донесоа голема доверба кај стручниот штаб.

