Пушев само кога пиев, а пиев секој ден, но сопругата ме спаси

Бразилскиот бек Сисињо во 2006 година оствари трансфер на „Сантијаго Бернабеу“, каде што му се предвидуваше голема кариера. Сепак, тој не ги оправда очекувањата и само по една и пол сезона го напушти клубот. По преселбата во Рома, неговата кариера претрпе голем пад, по што му следуваше неславно пензионирање во 2018 година.

Бразилецот ја откри причината зошто целосно не го искористи својот потенцијал и талент.

„Почнав да пијам алкохол на 13-14 години додека бев во Ботафого. Ми кажаа дека пивото е добро и пиев секој ден. Како што почнав, така не застанав до триесет и некоја година. Пиев по 10 пива дневно, а речиси 20 години пиев алкохол. На почетокот само пиво бидејќи немав пари, а откако потпишав за Атлетико Минерио, почнав да пијам сè. Со пиењето почнав и да пушам цигари. Пушев од 1999 до 2010 година. Пушев само кога пиев, а проблемот беше што пиев секој ден. Отсекогаш го сакав фудбалот, но работите се сменија откако заиграв за Рома. Знаев дека не го искористив талентот даден од Бога и веќе не чувствував задоволство кога истрчував на теренот. Сопругата Маријана ме охрабри да прекинам со алкохолот, а воедно го стави под контрола моето ненормално трошење пари за гардероба. Сега имам дебитна картичка која лесно може да се испразни, но имав среќа што речиси 80% од примањата му ги отстапив на татко ми, кои ги вложи во бизниси, па сега имам за солиден живот“, истакна Сисињо.

Ексрепрезентативецот на Бразил кариерата ја почна во Ботафого и речиси цела ја помина во родната земја, додека покрај Реал Мадрид и Рома играше и за Вилјареал.

 

- Оглас -

Најнови вести