Работнички не беше романтичен со шампионот, Академците на Пандев искористија и со петарда се пробија на второто место

Работнички ја изненади Шкендија во 22-рото коло во домашното првенство и по две години пауза, денеска во Скопје успеа да го победи актуелниот шампион со 2:1.

Ситуацијата делумно ја искористи лидерот Шкупи и со реми без голови во Тетово против Ренова остана со двоцифрена разлика на врвот на табелата.

Сега на второто место е Академија Пандев со 42 бода, еден повеќе од Шкендија, а струмичани стигнаа до позицијата број 2 со убедлива победа од 5:0 против Борец.

Македонија Ѓорче Петров ја декласира Струга на гостински терен со 3:1 и остана на четвртото место со шанси и да се пробие некое место погоре.

Брегалница е петта по победата од 2:1 против фенерџијата Пелистер.

Најинтересно беше на дербито во Скопје, каде што Работнички ја изненади Шкендија. Марио Станковски во 22-рата минута постигна еврогол и му донесе предност на домашниот тим.

Веднаш во следниот напад израмни Шала, а триумф на Работнички му донесе Рушевиќ со погодок во 59-тата минута.

Со пет различни стрелци, Академија Пандев го декласира Борец и ја смени Шкендија на втората позиција, а велешани полека ги губат шансите за опстанок.

Попзлатанов, Стојковски и Емини изведоа блиц-криг во Струга и Македонија Ѓорче Петров со три гола од 22-рата до 45-тата минута поведе со недостижни 3:0, па почесниот гол на Шабани за Струга беше само за утеха за домаќините.

Ѓокиќ и Георгиев со по еден погодок ѝ донесоа победа на Брегалница од 2:1 против Пелистер, а голот за битолчани го постигна Љамчевски.

Резултати, 22-ро коло: Работнички – Шкендија 2:1, Ренова – Шкупи 0:0, Струга – Македонија Ѓ.П. 1:3, Академија Пандев – Борец 5:0, Брегалница – Пелистер 2:1, Тиквеш – Скопје 3:0.

Табела: Шкупи 52, Академија Пандев 42, Шкендија 41, Македонија Ѓ.П. 39, Брегалница 33, Ренова 32, Работнички 31, Струга 30, Тиквеш и Скопје по 21, Борец 13, Пелистер 6.

 

- Оглас -

Најнови вести