Селекторот на Австрија, Ралф Рангник, изјави дека една од главните задачи на неговата селекција во вечерашниот дуел против Шпанија во шеснаесетфиналето на Светското првенство ќе биде да го запре Ламин Јамал.
Младиот шпански ас досега одигра 141 минута во трите натпревари од групната фаза на Мундијалот и постигна еден гол.
„Ламин Јамал е извонреден фудбалер и ќе остане таков во следните 12, 13 или 14 години, а можеби и подолго. Ако остане здрав и ја задржи присебноста, ќе одигра уште многу натпревари. Тој е еден од играчите на кои ќе им посветиме посебно внимание. Не смееме да му оставиме простор и можност да го покаже целиот свој квалитет. Тој е фудбалер кого сите љубители на фудбалот сакаат да го гледаат, но наша задача е да ја има топката што е можно помалку“, изјави Рангник.
Искусниот стратег смета дека Австрија ќе мора да го одигра својот најдобар натпревар досега ако сака да ја елиминира Шпанија, која е без пораз уште од март 2023 година.
„Сите сме свесни дека мора да бидеме уште подобри од тоа што го покажавме досега. Против Шпанија тоа е повеќе од јасно. Треба да направиме уште еден чекор напред“, додаде Рангник.
Капитенот на австриската репрезентација, Давид Алаба, истакна дека тој и неговите соиграчи добро ги познаваат квалитетите на шпанскиот состав.
„Тие играат многу атрактивен фудбал. Поседуваат огромен индивидуален квалитет и играчи кои можат да го решат натпреварот во секој момент. Но, ние нема да се браниме. Сакаме да играме офанзивно и ќе се обидеме да победиме“, порача Алаба.
Австрија на овој натпревар нема да може да смета на дефанзивецот Филип Мвене поради повреда, но Рангник нагласи дека неговиот тим располага со доволно решенија за да го надомести неговото отсуство.

