Реал Мадрид втор меч по ред промаши пенал, но овојпат победи и е во финале на Светското клупско првенство (Видео)

Реал Мадрид ќе игра против Ал-Хилал во финалето на Светското клупско првенство откако Кралскиот клуб од Мадрид не дозволи изненадување и со 4:1 славеше над Ал-Ахли вечерва во полуфиналето на планетарниот собир.

Шпанскиот гигант играше без Карим Бензема и неколку други важни играчи, но не дозволи кикс. Винисиус Јуниор погоди за 1:0 пред крајот на првиот дел, а во првата минута од второто полувреме Валверде зголеми на 2:0.

Надеж за Ал-Ахли даде погодокот на Малул од пенал во 65-тата минута, но египетскиот првак немаше сили за да приреди изненадување. Во 87-мата минута беше досуден пенал и за Реал Мадрид, а Лука Модриќ промаши.

Ова е втор нереализиран пенал за Реал во последните два меча, откако пред неколку дена во првенството утна Марко Асенсио против Мајорка. Разлика од тој меч и сега е тоа што Реал од Мајорка загуби со 1:0, а сега ова промашување на Модриќ не е скапо платено.

Во судиското надополнување Реал Мадрид постигна уште два гола. Во 92-рата минута, сите дилеми околу победникот ги реши Родриго со погодок за 3:1, а Серхио Арибас, кој во игра влезе во 98-мата минута, само неколку секунди подоцна успеа да постигне и погодок за конечни 4:1 за фаворитот.

- Оглас -

Најнови вести