Ребров е нов селектор на Украина, официјалното деби ќе го има против Македонија во Скопје

Легендарниот фудбалер Серхеј Ребров денеска и официјално е промовиран во нов селектор на фудбалската репрезентација на Украина.

Дебито на клупата на Украина Ребров ќе го има во Бремен на 12 јуни, на пријателскиот натпревар против Германија, додека првиот официјален меч како предводник ќе го има против Македонија во рамкиte на квалификациите за пласман на Европското првенство што треба да се одржи 2024 година. Натпреварот ќе се игра на 16 јуни на Националната aрена „Тодор Проески“.

„Прво би сакал да ѝ се заблагодарам на украинската армија, која ни овозможи да зборуваме за фудбал и што непречено се одржуваше домашното првенство. Среќен сум што се вратив во Украина. Немаме многу време за подготовки, но тоа е што е. Во постојан контакт сум со фудбалерите и имам доволно информации за нивната форма пред натпреварите во квалификациите за ЕП 2024“, изјави Ребров, кој со Федерацијата потпиша тригодишен договор.

Македонија и Украина досега одиграле четири меча меѓу себе, а Ребров настапи на првите два дуелa. Во 2003 година, Македонија и Украина одиграа без голови во пријателски меч, а една година подоцна Ребров беше дел од својата репрезентација која загуби со 1:0 од Црвено-жолтите, исто така на пријателски натпревар.

Ребров во дресот на украинската репрезентација настапи на 75 натпревари и постигна 15 гола. На клупата на репрезентацијата доаѓа од екипата на Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати, каде што работеше во последнете две години.

- Оглас -

Најнови вести