Ривалдо имаше една точна прогноза, ќе ја погоди ли и втората?

Поранешната бразилска ѕвезда Ривалдо имаше точна прогноза околу освојувачот на Копа Америка. Тој ги фаворизираше своите Кариоки и не згреши, Бразил пред неколку дена по деветти пат стана јужноамерикански шампион со победата од 3-1 над Перу во големото финале.

Сега ексиграчот на Барселона направи нова прогноза, за Златната топка. Во потесниот круг оваа година се издвоија тројца – Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои меѓу себе делат по пет од најпрестижната индивидуална награда, а меѓу нив се наметна и фантастичниот дефанзивец на Ливерпул, Вирџил ван Дајк.

Иако за Ривалдо сите тројца имаа одлични сезони, сепак, тој смета дека Меси ќе биде избран за најдобар фудбалер за 2019 година според „Франс фудбал“.

Според многумина, време е дефанзивец да ја добие Златната топка. Ван Дајк зад себе остави фантастична сезона во дресот на Црвените. Беше вистински столб на одбраната и беше одговорен што Ливерпул претрпе само еден пораз во текот на целата сезона во Премиер лигата. Секако, уште поголем успех е трофејот во Лигата на шампионите, додека со својата Холандија играше уште едно финале, кое на крајот го загуби од Португалија во Лигата на нациите.

Роналдо, пак, во изминатата сезона во дресот на Јувентус реалзираше 28 гола и 10 асистенции во 43 настапи во сите натпреварувања, ги освои италијанскиот Суперкуп и Серија А, но претрпе неуспех во Лигата на шампионите по елиминацијата од Ајакс во четврт-финалето.

Лео Меси како најдобар голгетер (36 гола) и асистент (15 асистенции) ја заврши сезоната во Ла Лига, но и како најдобар стрелец во Европа (вкупно 51 погодок). Сепак, единствена радост му донесе титулата во шпанското првенство, додека шокот од Ливерпул во ЛШ уште не може да се заборави, како и оној од Валенсија во финалето од Купот на Кралот. Ниту со Аргентина имаше успех на Копа Америка, натпреварувањето го заврши во полуфиналето по поразот од Бразил.

- Оглас -

Најнови вести