Отвореното првенство на Франција во тенис, популарниот „Ролан Гарос“ почнува в понеделник, 18 мај, со стартот на квалификациите, а главниот турнир за мажи и жени ќе започне на 24 мај и ќе трае до 7 јуни. Во квалификациите ќе учествува и нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, која се пријави за настап.
Овој единствен гранслем-турнир кој се игра на земјена подлога ќе го привлекува вниманието на тенискиот и на спортскиот свет 15 дена, а турнирот ќе биде најглобалниот во својата историја. Повеќе од 170 телевизиски канали и дигитални платформи ќе ги пренесуваат натпреварите дури во 220 земји.
Не е случајно што „Ролан Гарос“ лани беше најгледан тениски телевизиски настан со 324 милиони гледачи. На територијата на Македонија и цела Европа, мечевите ќе може да се гледаат на телевизијата Евроспорт.

