Како прв и единствен фудбалер кој постигнал гол на шест различни Светски првенства, Кристијано Роналдо синоќа рече збогум на Мундијалите. Роналдо, кој има 41 и пол години потврди дека мечот против Шпанија (пораз од 0:1) беше последен за него на планетарните собири.
„Секогаш е тажно кога ќе се испадне од големо натпреварување. По мое мислење, одигравме добар меч. На крајот можеше да победи која било од двете екипи. Тоа е фудбалот. Шпанија имаше среќа да даде гол во завршницата. Ова беше одличен меч, а ние на крајот бевме елиминирани од селекција која ќе стигне многу далеку на турнирот. Сите наши играчи го дадоа максимумот“, рече Роналдо.
Не можеше Роналдо да ги скрие солзите, знаејќи дека за него ова беше последен настап на СП.
„Тажен сум поради начинот на којшто испаднавме. Дадов сè од себе и си заминувам со мирна совест. Тука има многу емоции, не можам на ништо да најдам забелешки. Посебно е чувството да се биде дел од репрезентацијата. Тоа се 23 години уживање и задоволство. Незаборавно искуство. Си заминувам со мирна совест. Освоив три титули со Португалија. Пред Роналдо, Португалија немаше освоено ниту една титула. Задоволен сум. Секако дека најголемиот успех е европската титула во 2016 година. Тој трофеј за мене има иста тежина, како освојување на Светското првенство. Утре е нов ден, животот оди понатаму“, вели Роналдо по неговиот последен настап на СП.

