Кристијано Роналдо го чекаат на потпис во Манчестер сити. Португалецот не сака да остане во Јувентус, па како главна негова следна дестинација се споменува англискиот првак. Најавите се дека Сити ќе плати 30 милиони евра за откупување на договорот на Роналдо од Јувентус.
Доколку потпише за Сити, тоа ќе биде враќање на Роналдо во Манчестер по пауза од 12 години. Португалецот од 2003 до 2009 година живееше во Манчестер, но тогаш беше играч на Јунајтед. Токму во дресот на Црвените ѓаволи, Роналдо ја достигна светската афирмација, а потоа направи трансфер во Реал Мадрид.
Само пред шест години, Роналдо во интервју за Би-би-си зборуваше дека никогаш не би потпишал за Манчестер сити затоа што Јунајтед е неговиот омилен клуб од градот. Сепак, сега ситуацијата е поинаква и според многумина, се чекаат часови за реализација на овој транфсер.
„Да играм за Сити? Нема теорија за такво нешто. Зошто? Затоа што Манчестер јунајтед ми е во срцето. Можам да ви кажам дека многу, многу, многу (вкупно 12 пати рече многу) тешко е да заиграм за Сити. Тоа е така затоа што бев дел од Јунајтед. Навистина ли мислите дека парите може да ми го променат мислењето на 30-годишна возраст? Мислам дека тоа е невозможно. Ако се работи за пари, ќе одам да играм во Катар. Таму веројатно би добил и повеќе пари од тоа што нудат во Сити. Не се работи за пари, туку за страст“, велеше Роналдо во интервјуто за Би-би-си во 2015 година.