Роналдо во еуфоријата одговори кога планира да ја заврши кариерата

По пласманот на Португалија во осминафиналето на Светското првенство 2026, Кристијано Роналдо се осврна на изјавите на својата сестра Катја Авеиро, која навести дека неговата блескава кариера би можела наскоро да заврши.

„Мојата иднина во моментов не е важна. Ќе зборувам за тоа… Ќе има време. Откако ќе победиме или ќе бидеме елиминирани, ќе разговарам со семејството и потоа ќе ја донесам најдобрата одлука. Повеќе не носам избрзани одлуки. Сега најважно е да уживаме во денешниот ден“, изјави Роналдо по победата на Португалија од 2-1 над Хрватска.

Роналдо го постигна првиот гол за својата репрезентација од пенал, откако претходно му беше поништен погодок поради минимален офсајд.

„Мора да знаеме и да страдаме ако сакаме да освоиме турнир од ваков ранг. Мислам дека натпреварот против Хрватска беше одлична лекција во таа насока.

Беше многу интересен меч за гледачите. Во првото полувреме ја контролиравме играта, но второто беше многу похаотично. Тие поведоа, ние малку се вознемиривме, но откако израмнивме од пенал, сè стана полесно. И понатаму имавме тешкотии, но таква е природата на овој турнир – мора да продолжиме понатаму“, додаде португалската ѕвезда.

Ова Светско првенство најверојатно ќе биде последно за 40-годишниот Лука Модриќ, со кого Роналдо со години настапуваше за Реал Мадрид.

„Играв со Лука многу години. Речиси сме иста генерација. Тој е легенда на фудбалот и сè уште го докажува тоа, бидејќи игра на највисоко ниво. Навистина е неверојатен“, изјави Роналдо.

Околу еден час по натпреварот, илјадници навивачи се собраа пред хотелот на португалската репрезентација во Торонто. Капитенот на Португалија излезе на балконот за да им се заблагодари за поддршката, а за возврат беше поздравен со моќни скандирања: „Португалија!“ и „Кристијано Роналдо!“.

- Оглас -

Најнови вести