Салах две сезони во низа е најдобар стрелец, но сега ја подели наградата

Втора сезона во низа Златната копачка во Премиер лигата завршува во рацете на ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах. Сепак, Фараонот сега мораше да ја подели наградата со клупскиот колега Садио Мане и голгетерот на Арсенал Пјер-Емерик Обамејанг.

За разлика од минатата сезона, во која Салах реализираше 32 погодоци, сега на 28 настапи стигна до 22 гола, а исто толку погодија и Обамејанг и Мане.

Салах уште пред 38-мото коло броеше 22 гола, а Мане и Обамејанг дури денес го стигнаа учинокот на Египќанецот откако постигнаа по два гола во победите над Вулхерхемптон (2-0), односно Барнли (3-1).

Во пресрет на ова коло, Алисон Бекер и Едерсон Мораес беа во битка за Златната ракавица, а таа му припадна на голманот на Ливерпул. Алисон ја сочува мрежата во 21 натпревар сезонава, вклучувајќи го и денешниот дуел против „волците“. Едерсон, пак, остана без ова признание откако го прими првиот гол на средбата меѓу Брајтон и Манчестер сити, која заврши со конечни 4-1 за гостите, по што се славеше шампионската титула.

Претходно во текот на денот, уште еден фудбалер на Ливерпул доби признание во Премиер лигата. Вирџил ван Дајк беше прогласен за најдобар играч на сезонаташто значи дека за дел од фудбалерите на Ливерпул овие утешни награди се мелем на раната која остана по неуспехот да ја освојат титулата во Англија.

Најдобар плејмејкер, или асистент во Премиер лигата за сезоната 2018/19 е „десетката“ на Челзи, Еден Азар. Белгиецот запиша 15 успешни додавања во текот на првенството, а за една асистенција наградата ја испушти крилото на Борнмут, Рајан Фрејзер.

Остана да се додели наградата за менаџер на сезоната, која ќе се додели за два дена, а кандидатите се Пеп Гвардиола (Манчестер сити), Јирген Клоп (Ливерепул), Нуно Еспирито Санто (Вулверхемптон) и Маурисио Покетино (Тотенхем).

- Оглас -

Најнови вести