Салах: Уште четири победи до крајот и ќе бидеме шампиони

Ливерпул го доби големото дерби против Челзи и по пауза од седум години, се израдува на „Енфилд роуд“ против овој ривал во Премиер лигата. Со оваа победа, Ливерпул повторно се најде на челното место во Англија, со два бода пред Манчестер сити. Сепак, „граѓаните“ се во пол-позиција бидејќи имаат меч помалку и ако не направат кикс до крајот, Сити ќе го одбрани тронот. Во такво нешто не верува еден од најдобрите играчи на Ливерпул, Мохамед Салах. Египетскиот голгетер е уверен дека Ливерпул ќе биде првак.

„Ако победиме на сите мечеви до крајот, верувам дека ќе бидеме шампиони. Треба да бидеме сконцентрирани и да си ја завршиме работата. Се надевам дека Сити ќе направи кикс. Најважно е ние никако да не киксираме и мора да победиме уште четири пати до крајот на Премиер лигата“, вели Салах.

Според распоредот, Ливерпул има прилично лесни противници. Игра против Кардиф, Хадерсфилд, Њукасл и Вулверхемптон. За разлика од „црвените“, Сити ги очекува две дерби средби и тоа против Манчестер јунајтед и Тотенхем. Токму тоа е желбата на Салах, Сити да киксира во некој од овие два дуели.

И Сити и Ливерпул, освен во трката за титулата во Ангилја, се борат и за пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите. Ливерпул утре гостува кај Порто и носи залиха од 2-0, додека „граѓаните“ в среда, на свој терен, ќе треба да анулираат еден гол во реваншот против Тотенхем.

 

- Оглас -

Најнови вести