Салцбург најавува реприза од 2014 година, ситуацијата е слична, Баерн и тогаш беше европски првак

Капитенот Андреас Улмер и Андре Рамалјо и вечерва ќе бидат носечките столбови во играта на Салцбург, а тие се единствените двајца фудбалери што играа против Баерн Минхен во 2014 година, кога Баварците пристигнаа во Австрија на пријателски меч како актуелни европски прваци и беа декласирани со 3:0.

Садио Мане, Џонатан Соријано и Роберт Жуљ беа стрелци на головите за Салцбург, а триото одамна не игра за австрискиот првак, но тука се Улмер и Рамалјо, кои го паметат мечот.

„Добро, тоа беше поинаков меч од пријателски карактер, но зошто да не се обидеме да приредиме реприза. И сега се актуелни европски прваци,  беа и тогаш и сè уште се моќна машинерија, но очекувам да биде интересно. Фаворити се, но нема да се предадеме“, вели Улмер.

Баерн е во страшна серија од 13 победи во низа во Лигата на шампионите, а и сезонава делува многу моќно. Во чудниот циклус на Лигата на шампионите во услови на пандемија со корона-вирус убедливо ја освоија европската круна, а и сега се меѓу топ-фаворитите за титулата.

„Имаме 13 победи по ред и, секако, сакаме серијата да продолжи. Убаво е кога си дома, а уште поубаво за мене ќе биде да го победиме Салцбург“, изјави Давид Алаба, кој е австриски репрезентативец и еден од стандардните играчи на Баерн Минхен.

Мечот ќе се игра од 21 часот на „Ред Бул арена“ во Салцбург.

 

- Оглас -

Најнови вести