Само што продолжи Бундеслигата, дали е решено прашањето околу шампионот? (Видео)

Баерн Минхен направи голем исчекор кон освојување на нова титула во Бундеслигата откако со 1:0 ја победи Борусија во Дортмунд, во дербито од 28-мото коло. Овој дуел се најавуваше и како клучен околу трката за титулата, а кога има такви натпревари, најчесто Баерн е тој кој се радува. Така беше и денеска, на стадионот на кој немаше публика поради забраната за превенција во борбата против корона-вирусот.

Велемајсторскиот потег на Џошуа Кимих во 43-тата минута се покажа како решавачки за победа на Баерн. Играчот за врска на Баерн забележа дека голманот на домаќините е малку подалеку од гол-линијата и со прекрасен лоб успеа да ја затресе мрежата на Милионерите. Голот на Кимих може да го видите ТУКА.

Во второто полувреме имаше еден спорен момент, кога во 57-мата минута Халанд шутираше, топката одеше кон голот, но го удри Боатенг во рака и заврши во корнер. Според многумина, судијата без дилеми можеше да покаже на пенал, но се реши дека немало намера во играњето со рака на гостинскиот играч и домаќините не добија удар од 11 метри.

Во 83-тата минута, Левандовски ја погоди пречката и не успеа неколку минути пред крајот да ги реши сите дилеми околу победникот, но Баерн се одбрани до крајот и ги освои трите бода кои се многу важни во трката за титулата. Баерн сега има 64 бода, додека Борусија остана на 57 бодови.

- Оглас -

Најнови вести