Сега е доцна – Во Ливерпул се жалат: Не требаше да играме со Атлетико Мадрид

Метју Ештон, кој е директор на градскиот совет за јавно здравје во Ливерпул, вели дека реванш-мечот од Лигата на шампионите меѓу европскиот првак и Атлетико Мадрид е можната иницијална каписла за ширење на Коронавирусот во градот.

Ливерпул моментно има 262 случаи на заразени со опасниот вирус, од нив десетици луѓе биле на мечот што се играше на 11 март на „Енфилд роуд“.

„Погрешивме што не реагиравме навреме. Мечот не требаше да се игра. Не можеме со сигурност да тврдиме дека оттука почна растот на бројката со заразени луѓе, но дефинитивно тој меч од Лигата на шампионите е на листата на погрешни потези што ги направивме или не рагиравме навреме“, вели Ештон.

На трибините на „Енфилд роуд“ имаше 54 илјади гледачи кои ја следеа 120-минутната драма, по која гостите од Мадрид го елиминираа актуелниот европски првак. Имаше околу 3 илјади гостински навивачи и тука е сомнежот на Ештон дека е можно дел од нив да ја пренеле заразата во Ливерпул.

На 11 март градот Ливерпул имаше само шест потврдени случаи на луѓе кои имаа позитивни тестови на Коронавирусот, а сега имат 262.

Сепак, Ештон не ја спомена можеби и најголемата грешка на Англичаните, кои се меѓу најзагрозените на светот во овој момент по бројот на инфицирани со Коронавирус.

Нивниот премиер, Борис Џонсон, кој исто така има Коронавирус, неколку дена пред реванш-дуелот во Лигата на шампионите објави план со кој Англија тргна во офанзива против опасниот вирус. Идејата беше што повеќе луѓе побрзо да се инфицираат за да се стекнат со имунитет.

Потоа излезе дека планот е сосема погрешен, па тешко може да се претпостави дека дуелот меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид е меѓу главните виновници за рапидниот раст на заразени со Коронавирус и во Ливерпул и во цела Англија.

- Оглас -

Најнови вести