Селекторот на Белгија, Руди Гарсија, остро ја нападна ФИФА поради одлуката ја го „поништи“ црвениот картон на Фоларин Балогун и да му дозволи на репрезентативецот на САД да настапи на дуелот против Белгија во осминафиналето. Балогун со три погодоци е прв на САД на Мундијалот и неговото присуство е многу значајно и, секако, ќе биде големо засилување за дуелот против Белгија, што донесе револт кај селекторот на европската репрезентација.
„Не знаев дека на Светското првенство е и 1 Април. Не ја браниме само репрезентацијата на Белгија. Го браниме фудбалот, неговиот интегритет и етика. Мислам дека првпат во историјата на Светските првенства се случува да биде донесена ваква одлука“, револтирано вели селекторот Гарсија.
Белгиската фудбалска асоцијација во официјално соопштение изјави дека е „зачудена“ од потегот на ФИФА. Асоцијацијата се повика на член 66.4 од Дисциплинскиот законик, во кој се наведува дека директниот црвен картон автоматски резултира со суспензија од следниот натпревар, и рече дека одлуката да му се дозволи на Балогун да игра е спротивна на правилата за натпреварување.
Белгијците исто така рекоа дека „ги истражуваат сите можни опции“ за да ги заштитат правата на сите национални тимови и принципот на ферплеј. Гарсија на крајот се обиде да ги прекине понатамошните прашања за Балогун и да го врати фокусот на играта.
„Ве молам, не губете време на ова. Сакаме да се фокусираме на спортските работи“, рече тој.
Голманот на белгиската репрезентација, Тибо Куртоа, призна дека времето на донесување на одлуката било незгодно за белгискиот тим.
„Доколку одлуката беше донесена порано, можеби ќе можевме подобро да се подготвиме ментално. Но, ќе бидеме подготвени. Тие имаат 11-мина играчи, не само Балогун“, рече белгискиот голман.
САД и Белгија вечерва ќе играат во Сиетл за место во четвртфиналето на Светското првенство.

