Сетјен: Сонувам да освојам ЛШ и пехарот да им го покажам на моите крави

Откако даде легендарна изјава дека за еден ден од чување крави, се префрлил на потпишување за Барселона, 61-годишниот тренер повторно кажа колку ги сака своите крави. Овојпат тој кажа дека ако Барса стане европски првак, пехарот од Лигата на шампионите ќе го однесе во неговиот роден крај и трофејот ќе им го покажува на своите крави.

„На моите играчи повеќепати им кажав дека немаме време за губење, сакам да ги освоиме и Лигата на шампионите и лигата. Сонот ми е да ги освојам овие трофеи и потоа да прошетам со пехарите во раце низ Лиенкрес, меѓу кравите“, изјави Сетјен во интервју за телевизијата ТВ3.

Барса од 2015 година не била европски првак, а сезонава допрва треба да се пласира во четвртфиналето, откако дома ќе го одигра реваншот со Наполи, по 1-1 на првата средба во Италија. Има шпекулации дека четвртфиналето и полуфиналето во ЛШ ќе се играат по ист принцип како и финалето, еден меч на неутрален терен.

Во шпанската лига, Барселона е прва со два бода предност пред единствениот конкурент Реал Мадрид.

„Не би се чувствувал како шампион ако ни ја доделат титулата на зелена маса, иако кога дојдов за тренер, имавме еднаков број бодови со Реал, сега имаме предност“, вели Сетјен.

- Оглас -

Најнови вести