Колумбиската пејачка Шакира повторно ќе пее на Светско првенство во фудбал, а на церемонијата на отворањето во Мексико Сити таа ќе ја изведе официјалната химна на турнирот „Даи Даи“, која ја сними со нигерискиот музичар Бурна Бој.
Шакира исто така ќе има краток настап и на финалето, настапувајќи за време на полувремето како дел од шоуто.
Ова е четврто СП за Шакира во последните 20 години, таа ги пропушти само претходните две првенства во Русија и Катар. Звучи парадоксално, но во овој период четирикратниот светски првак Италија не успеа да се квалификува на толку многу Мундијали.

Шакира дебитираше во 2006 година во Германија. На церемонијата на затворање на Светското првенство во Берлин, пејачката ја изведе „Hips Don’t Lie – Bamboo Remix“, која стана хит на годината. На следното СП во Јужна Африка во 2010 година, „Waka Waka“ стана официјална химна на турнирот, а песната беше признаена како најпозната фудбалска песна во историјата. Тогаш Шакира го запозна Жарарт Пике, кој беше меѓу фудбалерите што учествуваа во видеото за песната. Нивната љубов траеше 11 години, пред да се разделат во 2022 година.
На завршната церемонија на турнирот во Бразил во 2014 година, Шакира се појави во црвен фустан со карневалски тапан и ја изведе „Ла Ла Ла“ со бразилскиот музичар Карлињос Браун. Потоа имаше пауза, но сега нејзиното големо враќање доаѓа со песната „Даи Даи“.
Шакира има 49 години, но сè уште е актуелна и продолжува да собира награди. Музикологот Брент Кеог од Технолошкиот универзитет во Сиднеј има објаснување за фудбалскиот успех на Шакира.
„Таа има дарба за вклучување елементи од странски култури и нивно пакување во глобален поп-производ. Нејзината формула е речиси секогаш иста: ритам на телото, двосложен рефрен што може да се извика без превод и порака не за одредена земја, туку за сите во исто време“, вели тој.

