Шарл Леклер е победник на трката за Големата награда на Велика Британија, откако со одлично возење му донесе нов триумф на Ферари во сезоната во Формула 1.
За него ова е прва победа по триумфот на Големата награда на САД во 2024 година, а воедно и втора победа за Ферари оваа сезона, по успехот на Луис Хамилтон на трката за Големата награда на Каталонија.
На победничкиот подиум покрај Леклер се искачија Џорџ Расел од Мерцедес, кој го освои второто место, и неговиот тимски колега во Ферари, Луис Хамилтон, кој заврши трет.
Трката ја одбележаа и големи разочарувања за Кими Антонели и Макс Ферстапен. Антонели остана без можност да се бори за победата поради технички проблем, додека Ферстапен, кој беше во игра за место на подиумот, исто така не успеа да ја заврши трката според очекувањата поради дефект на болидот.
Надвор од победничкиот подиум остана актуелниот светски шампион Ландо Норис, кој заврши на четвртата позиција, додека петтото место му припадна на Исак Хаџар.
Освојувачи на бодови на деветтата трка од сезоната беа и Лијам Лосон, Арвид Линдблад, Габриел Бортолето, Франко Колапинто и Пјер Гасли.
Андреа Кими Антонели првично мина низ целта како деветтопласиран, но поради казна од пет секунди беше поместен на 16-то место во конечниот поредок. Италијанецот беше најсериозниот ривал на Шарл Леклер во борбата за победата, но десет круга пред крајот претрпе дефект, со што ги загуби шансите за триумф.
Трката на патеката „Силверстоун“ започна со единствен избор на гумите, сите возачи се одлучија за средно тврдата компонента на „Пирели“. Според пресметките на италијанскиот производител, стратегијата со едно застанување во боксот беше најбрза опција за Големата награда на Велика Британија.
Уште во загревачкиот круг Фернандо Алонсо се соочи со проблеми кога неговиот болид запре во свиокот „Бекетс“. Сепак, искусниот Шпанец успеа повторно да го стартува моторот и се упати кон пит-лејнот, од каде што ја започна трката.

