Шокантен „кец во два“: Барса првпат во историјата загуби од Гранада на „Камп ноу“ (видео)

Шокантен и историски пресврт оствари Гранада на тешкото гостување кај Барселона со конечни 1-2 во заостанатиот меч од 33-тото коло во Ла Лига. Каталонците претрпеа тежок кикс во трката за шампионската титула со Атлетико и Реал, ако се знае дека тимот на Роналд Куман во првото полувреме се гледаше како нов лидер во шпанското првенство.

Погодокот на Меси во 23-тата минута беше негов 26-ти сезонава во Ла Лига, со кој Барса поведе и најави дека ќе ги тргне Јорганџиите од лидерската позиција на пет кола до крајот, но потоа се случи неверојатното.

Гранада со само два шута во рамките од голот на Тер Штеген, двапати се радуваше на погодок за историски подвиг на оваа екипа. Во 63-тата минута Марчис го искористи долгото проигрување и израмни на 1-1, а за драмата да биде понеизвесна, Куман беше исклучен од мечот само три минути подоцна, па не ќе може да ја води Барса на гостувањето во Валенсија во следното коло.

Домаќините притискаа за што побрзо да се вратат во водство, а тоа значеше и ризикување и оставање дупка во одбраната. На видум сосема обична акција Гранада ја претвори во нов ладен туш за Месии дружината, кога Молина во 79-тата со глава заби за конечни 2-1 на „Камп ноу“ во корист на гостите.

https://twitter.com/GOALSHD21/status/1387836070050648066

Барселона останува на 71 бод и третото место, исто толку има и Реал Мадрид, додека Атлетико е лидер со 73 бода. Гранада со овој сензационален триумф може да сонува за седмото место кое му припаѓа на Вилјареал и е пет бода оддалечена од евентуален пласман во Лигата на конференции, новото натпреварување на УЕФА.

https://twitter.com/GOALSHD21/status/1387839570096660487

- Оглас -

Најнови вести