Шокот од смртта на Коби уште трае, Лејкерс дома загуби од Портланд

Лос Анџелес лејкерс го загуби првиот меч одигран по смртта на Коби Брајант. Иако играше на свој терен и беше огромен фаворит за победа, Лејкерс на крајот загуби од Портланд со 119:127, во дуелот кој беше посветен на легендарниот Брајант.

Пред почетокот на средбата, се одржа сеќавање во знак на Коби, а речиси насекаде беа дресовите со броевите 8 и 24 кои ги носеше тој низ 20-годишната кариера. Во централниот дел од првиот ред, веднаш до теренот, беа и местата на кои во знаеја да седат токму Коби и неговата ќерка Џијана, која исто така загина во хеликоптерската несреќа во неделата. Овојпат двете столчица беа празни, но на нив стоиеја дресовите на Коби и Џиџи, а имаше и цвеќиња во нивна чест.

Пред почетокот на средбата, моќен говор одржа и Леброн Џејмс, кој само неколку часа пред да се случи кобната трагедија успеа да го надмине Брајант на вечната листа на стрелци по бројот на постигнати поени во НБА.

Пред средбата се беше во знакот на Коби, но кога почна мечот, на теренот Лејкерс не беше уверлив. Портланд одлично се држеше, иако домаќините беа големи фаворити за победа. На полувремето Лејкерс водеше со 62:60, но третата четвртина беше клучна за гостите да покажат дека се дојдени за победа. Портланд ги доби овие 12 минути со 43:34, а во последната четвртина Лејкерс во ниту еден момент не успеа да намали под три негатива и на крајот загуби.

Дамиан Лилард беше играчот кој блесна во дресот на Портланд. Играчот кој се наоѓа во одлична форма, дуелот го заврши со 48 поени, 10 асистенции и девет скока за 40 минути поминати на теренот. Лилард успеа да погоди седум тројки. Кај Лејкерс најпрецизен беше Ентони Дејвис со 37 поени и 15 скока, додека Џејмс имаше 22 поени, 10 асистенции и 8 скока, но тоа беше премалку за победа.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Детроит – Торонто 92:105, Бруклин – Чикаго 133:118, Хјустон – Далас 128:121, Њу Орлеанс – Мемфис 139:111, Милвоки – Денвер 115:127 и Феникс – Оклахома 107:111.

- Оглас -

Најнови вести