Што вели статистиката, како одигра Меси на „Енфилд роуд“?

 

Кога Барселона ќе загуби катастрофално како што беше синоќа на „Енфилд роуд“ со 4-0, прво прашање е, па што правеше Лионел Меси на теренот? Капитенот на Барселона делуваше изгубено на теренот, а по примениот четврти погодок, се појави и една фотографија која доволно говори за немоќта на Меси да направи што било на реваншот против Ливерпул.

Меси речиси и да немаше вистинска шанса за гол, а статистиката само потврдува колку Аргентинецот беше очаен во еден од најважните дуели сезонава. Лео имал вкупно 63 допири со топката, што му е најмалку сезонава. Од вкупно 41 додавање (просекот сезонава му е 60 додавања на меч), пет му биле непрецизни.

Успеа да упати пет шута кон голот на Ливерпул, од кои само два беа во рамките, а над него беше направен само еден фаул. Тоа што најмногу „боде очи“ се вкупно 17 загубени топки на Меси. Повеќе од него имал само Жорди Алба (21).

Покрај оваа лоша статистика, Меси ја продолжи и очајната низа да не постигнува гол на гости во дуелите од полуфиналето во ЛШ. Последен пат гол на гости во полуфинале на ЛШ има дадено во 2011 година против Реал Мадрид. Од вкупно 112 погодоци во ЛШ, Меси само шестпати погодувал на дуели во полуфинале на ова натпреварување.

По завршување на дуелот, Аргентинецот немо, без да изусти еден збор помина покрај новинарите кои чекаа негова изјава.

 

- Оглас -

Најнови вести