Силекс ќе бара изненадување во Бугарија, Шкендија треба победнички да започне против Европа

Возбудувањата во Конференциската лига на УЕФА започнуваат денеска, а тоа значи старт на европските предизвици за Силекс и Шкендија. Тоа се двата македонски преставници во третото по ранг натпреварување на УЕФА. И Силекс и Шкендија денеска играат на гостински терен.

Тетовци се во Гибралтар на мегдан против екипата на Европа. Шкендија во овој меч влегува како фаворит. Тие беа во улога на носители и реално се поквалитетен состав од денешниот противник. Тоа го знае и капитенот Бесарт Ибраими, кој сепак потенцира дека на теренот треба да се покаже квалитетот.

„Како фаворити влегуваме во овој меч, но мора да бидеме максимално посветени и фокусирани. Мораме да пристапиме со најголема сериозност бидејќи денес нема лесни натпревари. Се подготвивме, го анализиравме противникот и се надеваме дека ќе победиме, така што во реваншот ќе ни биде полесно“, рече Ибраими.

За разлика од Шкендија, Силекс е во подредена положба во дуелот против Динамо Минск. Екипата од Белорусија не смее мечевите на домашен терен да ги игра на својот стадион, па затоа средбата ќе се игра во Стара Загора во Бугарија. Кратовци се свесни дека против себе имаат сериозен ривал, но најавија дека нема предвреме да се предадат и ќе се обидат да стигнат до резултат кој во реваншот ќе им даде надеж дека може да се пласираат во следната рунда од ова натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести