Скандал на повидок: Тренерот на Рома најави дека Лацио ќе ѝ пушти на Аталанта

Тренерот на Рома, Клаудио Раниери направи вистинска збрка со изјавата која ја кажа за време на пресконференцијата пред мечот на „римската волчица“ против Џенова. Рома се бори за пласман на четвртото место на табелата каде е Аталанта со еден бод повеќе, а според Раниери, можно е Аталанта да добие помош од вечниот ривски ривал на Рома, а тоа е Лацио.

Во ова коло Лацио на „Олимпико“ ќе игра против Аталанта, а Раниери не верува дека домаќините ќе играат со 100 отсто од силите за да стигнат до победата. Запрашан за тоа дали Лацио може да игра со помал интензитет против Аталанта, Раниери имаше интересен одговор.

„Тие веќе го направија тоа. Му пуштија на Интер во 2010 година“, рече Раниери во изјавата која предизвика скандал во Италија.

Во Италија веќе се случи еден голем скандал со наместени мечеви, кога во 2006 година во случајот „Калчополи“, Јувентус најмногу настрада, кога беше исфрлен од Серија А. По изјавата на Раниери, следуваше реакција од таборот на Лацио.

„Челниците од Лигата треба да реагираат на овие обвинувања кои се сериозни. Тоа може да го слушнеме од некои навивачи, но никако од тренер на една екипа или било кое клупско официјално лице. Претходно, дел од навивачите на Лацио велеа дека Рома ги пуштила последите два меча, но на никој во клубот не му дојде на памет да даде таква изјава“, вели портпаролот на Лацио, Артуро Диаконале.

Во трката за местата кои водат во Лигата на шампиони, Интер е трет со 62 бодови, Аталанта е на четвртото место со 59 бодови, а Рома е петта со 58 бодови. Потоа следуваат Торино со 57 бодови, Милан со 56 и Лацио со 55 бодови. Сите екипи се со свои калкулации и желба на едно од првите четири места на табелата во Серија А.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести