Скопје ќе биде домаќин на завршните турнири на кошаркарскиот Куп на Македонија

Кошаркарската Федерација на Македонија ќе ги организира завршните турнири од Куп-натпреварувањето во машка и женска конкуренција за 2021 година, објавија од КФСМ.

Осумте најдобри екипи во машка сениорска конкуренција и четирите најдобри екипи во женска сениорска конкуренција ќе се надигруваат меѓу себе за да стигнат до престижниот трофеј од кошаркарскиот Куп, кој од ова издание ќе го носи името на Благоја Георгиевски – Буштур.

По пауза од шест години, завршницата од Купот се враќа во главниот град Скопје. Последен пат Скопје беше организатор на финалниот турнир во 2015 година, а оттогаш завршницата се одигра на терените во Гевгелија (2016 и 2019 година) и во Кавадарци (2017 и 2018 година). Ланското издание на кошаркарскиот Куп беше одложено поради пандемијата со ковид-19.

Завршниот турнир во женска конкуренција оваа година ќе се одигра на 7 и на 8 мај, додека осумте најдобри во машка конкуренција ќе се борат за трофејот во периодот од 14 до 16 мај.

Сите натпревари, и во машка и во женска конкуренција, ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Бранител на трофејот во машка конкуренција е Работнички, додека кај дамите пехарот ќе го брани Вардар, екипа која ги освои последните три изданија.

 

 

- Оглас -

Најнови вести