Со Леброн е полесно за Лејкерс, „динамично дуо“ на Портланд даде 82 поени во Њујорк (Видео)

Во НБА лигата се одиграа дури 14 натпревари, а еден од поинтересните беше оној во Њујорк, каде Портланд славеше со 132-129 после продолжение од пет минути.

Џереми Грент со личен рекорд од 44 поени и Енферни Симонс со 38 поени, беа творци на триумфот на Блејзерс, а им помогна и Јусуф Нуркиќ со 20 поени, 8 скока и седум  асистенции. Грент на мечот изведе дури 28 слободни фрлања, што е рекорд сезонава во НБА и клупски рекорд на Портланд.

ЛА Лејкерс славеше против Сан Антонио со 105-94 во меч на кој се врати Леброн Џејмс. Кралот имаше придонес од 21 поен, осум скока и пет асистенции, а најдобар поединец беше Ентони Дејвис со 25 поени и 15 скока, па сега тој има серија од пет меча по ред со барем 25 поени и 15 скокови. За Езерџиите ова е само шеста победа на 20 меча сезонава.

Одлични партии имаа и Јанис Адетокумбо и Стеф Кари, кои им помогнаа на своите тимови да победат. Гркот со 38 поени го предводеше Милвоки до победа над Кливленд од 117-102. Јанис имаше дури девет забивања, што е негов личен рекорд.

Кари уфрли 33 поени, од кои 13 во последната четвртина, за триумф на Голден стејт над Јута, па сега Вориорс има скор 10-10.

- Оглас -

Најнови вести