Солари си има мака, кој да го замени Касемиро?

Сантијаго Солари до продолжението на сезоната во шпанското првенство мора да најде решение за покривање на празнината со отсуството на Касемиро. Бразилецот кој е важна алка во реаловиот синџир, поради повреда ќе биде отсутен најмалку еден месец.

Зинедин Зидан го користеше Тони Крос, а некогаш Матео Ковачиќ или Маркос Љоренте, а на 18-те меча без Касемиро, Реал имаше дури 14 победи (гол разлика 53-21), иако ниту еден тренер на Реал не би сакал состав без играчот кој најмногу трча и помага во средниот ред и одбраната.

Крос неодамна кажа дека не е Касемиро, и оти од него не може да се очекува да игра толку добро на таа деликатна позиција. Против Селта, по повредата на Касемиро, на негово место влезе Дани Себаљос, и одигра добро, но дали може така да игра и во континуитет, се прашува Солари.

Солари ќе има три дена за подготовка со целиот тим за дуелот со Еибар, и веројатно ќе му даде доверба на Себаљос, кој е технички поткован и доста трча, но ја нема цврстината во одбраната. На Касемиро би требало да сметаат за Светското клупско во декември во Абу Даби.

- Оглас -

Најнови вести