Солскјер го спореди Фернандес со Роналдо

Тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер вели дека Бруно Фернандес има влијание врз тимот како што тоа на времето го имал и Кристијано Роналдо.

Во 2000 година, Роналдо пристигна на „Олд Трафорд“ како 18-годишен тинејџер и шест години помина во дресот на најтрофејниот англиски клуб. Додека играше за Манчестер, Роналдо се промовираше во ѕвезда која уште блеска во светскиот фудбал.

Приказната со Фернандес е слична како таа со Роналдо. Бруно пристигна во Манчестер од тимот на Спортинг, каде што играше и Кристијано пред да се пресели во Јунајтед. Уште во првата полусезона, Фернандес покажа дека е големо засилување и за само неколку месеци во тимот, ја доби наградата за најдобар фудбалер во сезоната.

Во 35 меча одиграни во дресот на Манчестер, Португалецот директно учествувал во 34 погодоци, а Солскјер ги потенцираше лидерските способности на Фернандес.

„Бруно има влијание како Роналдо. Треба само да ги погледнете резултатите што ги постигнуваме откако е тој тука. Тој поседува многу енергија, лидерски способности и е тимски играч. Тоа е клучот за да тргнеме напред кон подобри резултати“, рече Солскјер.

Манчестер јунајтед в недела, во рамките од 10 коло од Премиер лигата ќе игра против Саутемптон.

 

- Оглас -

Најнови вести