Sport Life донира 2.000.000,00 денари во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“

Во последните неколку децении, Sport Life обложувалниците постојано потврдуваат дека се општествено одговорна компанија која помага таму каде што е најпотребно. Последната донација од Sport Life обложувалниците е наменета за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, каде што денес беше потпишан договорот за комплетно реновирање на Одделот за абдоминална хирургија, поточно на делот за постоперативна нега на пациентите.

Донацијата е во износ од 2.000.000,00 денари и со неа ќе се овозможи реновирање на одделот на третиот кат од клиниката, попозната како „Градска болница“ во центарот на Скопје, и ќе ги опфати холот, собите за пациентите и канцеларијата за болничкиот персонал. Ќе бидат поставени нови подови, таван, нови санитарии, водоводни и електрични инсталации.

Со оваа интервенција, капацитетот на одделот ќе биде зголемен за 4 легла, со што ќе се овозможат соодветни услови за постоперативно болничко лекување на 28 пациенти, а во две соби ќе се обезбедат по една комплетно опремена бања во функција на пациентите.

„Со особена чест и задоволство можам да истакнам дека денес заедно со Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје стартуваме со реализацијата на еден значаен проект кој ќе овозможи подобрување на условите за болничко лекување на нашите граѓани. Оваа донација претставува и значаен дел од бројните проекти кои ги реализираме како општествено одговорна компанија. Нашата поддршка е секојпат резервирана, пред сè, за хуманите цели, онаму каде што е најпотребна, а тоа е здравјето на граѓаните и нивната благосостојба“, изјави Петар Поцков, маркетинг-директор во Sport Life.

Голема благодарност за оваа донација изрази др. Љубен Арсенков, директорот на Универзитетската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

„За вработените во нашата установа најголема награда е задоволството на пациентите, како и задоволството на нивните семејства. Оттука и предизвикот да се продолжи со проектите за реновирање и подобрување на условите за нивно лекување по повисоки стандарди од досегашните. Високата фреквентност, стручниот кадар и долгогодишната традицијата Клиниката ја чинат една од најзначајните здравствени институции во државата, во која се потребни инвестиции за нејзино реконструирање и подобрување на севкупните услови за работа и лекување на пациентите. Оттука, денес ја изразуваме нашата благодарност кон ‘Спорт-Лаиф Треид’ за нивната поддршка и значајната донација за комплетно реновирање на делот за постоперативна нега на пациентите од Одделот за абдоминална хирургија. Со реализацијата на овој проект целосно ќе се заокружи реновирањето и санацијата на хоспиталниот дел од клиниката. Со тоа се создаваат пристојни услови за третман и нега на хируршки болните.

Оваа донација е само продолжување на еден извонреден тренд од изминативе пет години, во кој со помош на пријателите на клиниката и менаџментот на установата се обезбедени повеќе од 1.200.000,00 евра од донации за реконструкција на клиниката. Она што мене посебно ме радува е фактот што во обезбедувањето на средствата  учествуваа и голем број вработени од клиниката, кои со тоа ја истакнаа својата поврзаност, припадност и грижа за установата во којашто работат. Во периодот на изведување на предвидената реконструкција, клиниката ќе продолжи со непречено одвивање на редовните работни процеси. Во мое лично име, во име на организацискиот директор, г-ѓа Нермин Шаќири, и, секако, во име на сите вработени уште еднаш ја потенцираме нашата  искрена  благодарност кон ‘Спорт-Лаиф’ за обезбедената донација“, рече доктор Љубен Арсенков.

Овој проект се очекува да биде реализиран во период од 2 месеца.

- Оглас -

Најнови вести