Срамен дебакл за Фенер во турското дерби, тежок пораз и за Ѕвезда во Виторија

Анадолу ефес го декласира Фенербахче со 106:74 во турското дерби кое се одигра во рамките на 26-тото коло во Евролигата. Вицешампионот од 2019 година апсолутно немаше милост кон ривалот, особено немилосрден беше Василије Мициќ со високи 37 поени кој предводеше во големата победа.

Тотална контрола врз резултатот беше воспоставена уште во првите 10 минути од дербито, во кои Анадолу поведе со +13 и потоа само ја надоградуваше предноста. Во второто полувреме кошаркарите на Фенер реализираа само 35 поени, додека Анадолу стигна до највисоката предност од +35.

Покрај 37 поени на Мициќ, втор најефикасен играч на Анадолу беше Бибо со 14 поени, додека Де Коло беше светла точка во редовите на Фенербахче со 24 поени.

Десеткуваната Црвена ѕвезда исто така претрпе тежок пораз од Басконија со 87:67 во мечот кој се одигра во Виторија. Црвено-белите беа во игра само во првата четвртина, а потоа играчите на Басконија го засилија ритамот и со серијата од 14-0 во вториот период ја изградија високата предност, а потоа без проблем ја одржаа до самиот крај.

Фол со 20 поени ја предводеше Басконија, Лојд со 14 поени беше најдобар од редовите на Ѕвезда.

 

- Оглас -

Најнови вести