Бруно Гимараиш го прекина молкот од неколку дена по елиминацијата на Бразил од Норвешка и објави неколку срцепарателни зборови на своите социјални мрежи. Фудбалерот за врска при 0-0 утна пенал што можеше да ја промени историјата.
„Фудбалот, кој ми даде сè што имам, сега е одговорен за тоа што ме натера да ја почувствувам најлошата болка во моите 28 години живот“, напиша тој на своите социјални мрежи, пред храбро да ја преземе одговорноста за она што се случи: „Ја преземам одговорноста, како и секогаш, и нема да биде поинаку ни сега“.
„Толку многу пати пишував и бришев што престанав да бројам. Секогаш сум бил тука во победи, па затоа нема ништо пофер од тоа да се појавиш и да не избегаш од разговор во пораз. Промашувањето на пеналот и елиминирањето во осминафиналето е тешко, болно е, многу боли, но тоа ќе биде само уште една пречка што треба да се надмине. Веќе поминав низ толку многу работи што само јас ги знам. Сигурен сум дека, без разлика колку лошо се чувствувам во моментов, сè ќе помине.
Најневеројатната работа од сè беше враќањето дома по најтажниот ден во мојот живот и првото нешто што моите деца ми го кажаа кога се разбудив беше: „Тато, ќе играме ли со топка?“ И тогаш сфатив дека без оглед на добрите или лошите денови, фудбалот секогаш ќе биде моја голема љубов. Сонот не е завршен. Тој продолжува да живее во моето срце и во срцата на илјадници луѓе кои се страсни за нашата земја“, порача Гимараиш.
Утнат пенал кој не донесе елиминација му се случи на швајцарскиот дефанзивец Мануел Аканџи. Тој вети дека веќе нема повторно да изведува пенал. На Аканџи тоа му беше трета утка од белата точка на еден голем турнир, а првите две доведоа до елиминација на неговиот тим на Европското првенство во 2021 година против Шпанија и во 2024 година против Англија.
„Нема да изведувам повеќе пенали. Беше катастрофа. Во последен момент се премислив. Видов дека голманот одлучи да се фрли лево, се двоумев, и топката помина четири метри над пречката“, изјави тој за швајцарската телевизија.

