Субашиќ и по 12 години уште жали: Барем на друго место да ја шутнев таа топка

Даниел Субашиќ, голманот на хрватската репрезентација кој пред две години бранеше во финалето на Светското првенство, се голема тага се сеќава на датумот 3 април. Тоа е датумот кога пред 12 години почина фудбалерот на Задар, Хрвоје Чустиќ, а Субашиќ беше сведок на трагедијата.

На 29 март 2008 година, Задар на свој терен играше против Цибалија, кога голманот Субашиќ уфрли една топка во игра. Топката одеше кон аутот, а Чустиќ и еден играч на Цибалија беа во дуел. Во еден момент фудбалерот на Задар падна и со главата удри во ѕидот од трибината кој се наоѓаше на три метри од аут-линијата.

Веднаш настана молк, а лекарските екипи влегоа на теренот да му дадат помош на повредениот Чустиќ. Се работеше за повреда на главата. Фудбалерот беше пренесен во болницата во Задар, лекарите констатираа дека има скршеница на главата и му направија неколку операции, но на 3 април Чустиќ им подлегна на повредите и го загуби најважниот меч. Имаше само 24 години.

„Често во мислите ми доаѓа починатиот пријател Хрвоје Чустиќ. Во себе си размислувам, како таа топка не ја шутнав на друга страна, зошто морав да ја упатам токму кон него? Зошто не ја шутнав на спротивната страна? Зошто судбината токму така сакаше да се случи?“, вели голманот Субашиќ, кој се присетува дека Хрвоје често пати знаел да му сугерира некоја топка да упати кон него.

„Често знаеше да ми рече „Брате исфрли некоја топка кон мене, немој само кон Терк“. Во соблекувалната имавме договор долгите топки да ги шутирам кон Желимир Теркеш бидејќи тој беше нашиот најдобар напаѓач, но понекогаш знаев да го пронајдам и Хрвоје. Ете токму таа кобна топка ја упатив кон него. Тоа е судбина, тажна судбина… Мило ми е што Хрвоје не е заборавен. Многумина неговата годишнина ја прават на 29 март, но на тој ден Хрвоје беше жив. Ние и го доигравме мечот против Цибалија, а потоа чекавме вести околу неговата состојба. За жал, на 3 април Хрвоје почина“, се присетува Субашиќ, кој во чест на својот пријател секогаш под дресот носи маица со неговиот лик.

- Оглас -

Најнови вести