Свечено пуштена во употреба реконструираната сала „Расадник“ (Фото)

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска официјално ја пуштија во употреба комплетно реконструираната сала „Расадник“ во Скопје, една од капиталните инвестиции на Министерството за спорт во спортската инфраструктура.

На свеченото отворање на салата присуствуваа и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и активни и поранешни спортисти, спортски работници и љубители на спортот.

„Денеска повторно ги отворивме вратите на едно место кое со децении беше симбол на спортот, младоста и шампионскиот дух – спортската сала ‘Расадник’ во Кисела Вода. Горд сум што ја пуштивме во употреба целосно реконструираната сала и таа повторно ќе биде ставена во функција на спортот и на спортистите. Со овој проект на Министрството за спорт ја враќаме во живот култната скопска сала и домот каде што се создаваа спортски приказни и се градеа вистински вредности. Со нов покрив, обновени трибини и соблекувални, современа спортска опрема, пристапност за лицата со попреченост и подобрени услови за тренинг и натпреварување, салата „Расадник“ повторно е подготвена да биде дом на младите таленти и идните македонски шампиони. Продолжуваме со силно темпо да инвестираме во спортската инфраструктура затоа што секој денар вложен во спортот е инвестиција во здрави генерации, нови успеси и во иднината на Македонија. ‘Расадник’ повторно нека биде место каде што ќе растат шампиони!“, објави на „Фејсбук„ министерот Ристовски.
„Секој ден се трудиме дел од оние проекти коишто ги започнавме да ги завршиме, полека но сигурно со пролетта сега и со летото голем дел од тие проекти коишто се почнати се финишираат и ќе го добиваат она светло коешто го заслужуваат. Еден од тие објекти е и оваа спортска сала, отприлика вака како што е конфигурирана е со капацитет од илјада гледачи. Условите навистина се светски, европски. Можеби во моментот најсовремен ваков објект, од овој карактер на ниво на цела држава. Сигурен сум дека не само младите од Кисела Вода, туку и од градот Скопје, па и пошироко ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат, ќе другаруваат и зошто да не се изродат европски и светски мегаѕвезди коишто се најголеми амбасадори на една држава“, порача премиерот Мицкоски.

 

- Оглас -

Најнови вести