Светскиот првак паѓа на ранг-листата на ФИФА, за две места назадуваше и Македонија

Македонија падна за две места на најновата ранг-листа на ФИФА што е објавена денеска и моментно сме на 74-тата позиција во конкуренција на фудбалските репрезентации.

По трите нерешени дуели со Ерменија, Исланд и Романија, дојде и пад за две скалила и со 1345.97 поени се наоѓаме во втората половина од вкупно 210 рангирани национални селекции.

Последен на ранг-листата е Сан Марино, а лидерската позиција ја задржа Белгија со 1832.33 поени. Во Топ-5 пад од една позиција забележа актуелниот светски првак Франција, која сега е четврта на ФИФА листата, зад Црвените ѓаволи од Белгија, Бразил и Англија.

Зад нив е актуелниот европски првак Италија на петтото место, а во најдобрата десетка на светот се и Аргентина, Португалија, Шпанија, Мексико и Данска.

Од ривалите во нашата Ј група во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар, најдоброрангирана е Германија на 14-тото место. Романија е на 42-рата позиција, а пред нас е и Исланд на 60-тото скалило.

Ерменија е пред нас на табелата, но е зад нас на ранг-листата на ФИФА, рангирана како 89-та на светот. Лихтенштајн е меѓу најслабите светски селекции на 188-мото место.

 

 

- Оглас -

Најнови вести