Сезоната во шпанскиот кошаркарски шампиоинат сè уште не е завршена, а Валенсија веќе работи на иднината и има најава дека ќе го купат натурализираниот македонски репрезентативец Ти Џеј Шортс.
Валенсија во Шортс гледа идеална замена за Жан Монтеро, кој оди во европскиот шампион Олимпијакос.
Шортс сезонава ја мина во Панатинаикос, со кого има уште една година од договорот. Беше едно од најзвучните засилувања во Евролигата минатото лето, дојде како голема ѕвезда, но неговиот претстој во ПАО е при крај, извесно е заминувањето од атинскиот гигант.
Грчките медиуми го сметаат неговиот трансфер во Валенсија за завршена работа.

Шортс пристигна во Европа во 2019 година. Се прослави играјќи за Телеком Баскетс Бон, водејќи ги до титулата во Лигата на шампионите во кошарка во 2023 година и освојувајќи ја наградата за најкорисен играч (MVP) и за сезоната и за фајналфорот. Потоа премина во Париз Баскет, со кого го освои Еврокупот и првпат влегоа во Евролигата, каде што плејмејкерот беше најистакнат играч.
Во својата дебитантска сезона во Евролигата, Шортс имаше просек од 19 поени и 7,3 асистенции по меч, што му донесе трансфер во Панатинаикос, но не се согласуваше добро со тренерот Ергин Атаман и просекот му беше 8,1 поен и 2,9 асистенции. Атаман си оди, тоа е официјално, но ќе си оди и Шортс.

