Тимот на Мелиља до Мадрид патуваше 11 часа

Екипата на Мелиља имаше вистинско патешествие додека да стигне во главниот град на Шпанија, каде што треба да се сретне со Реал Мадрид во реваншот од Кралскиот куп. Средбата се игра во четврток, од 16.15 часот, а патникот во следната фаза е познат, со оглед на триумфот на Реал од 4-0 на гостувањето на африканскиот континент.

Во Мелиља се навикнати да патуваат долго кога одат на гостувања во Сегунда Б лигата. Тие од својот град тргнаа 30 минути по полноќ, а во хотелот во Мадрид стигнаа во 11.30 часот. Иако од Мадрид до Мелиља има 600 километри воздушна линија, сепак патувањето на фудбалерите траеше многу долго.

Најпрвин со брод имаа 6 часа и 45 минути возење за да стигнат до Малага. Фудбалерите спиеја во собите во бродот, но прашање е колку се одмориле доколку морето било со бранови. Потоа со автобус од пристаништето заминаа до аеродромот во Малага, каде што имаа лет до Мадрид. Кога ќе се собере периодот од поаѓањето до пристигнувањето во мадридскиот хотел, Мелиља потроши 11 часа. Време за одмор имаа малку, бидејќи имаат закажано тренинг.

- Оглас -

Најнови вести