Поранешниот романски фудбалер Габриел Мурешан почина откако се удави во езеро во близина на градот каде што беше градоначалник, објавија романските медиуми.
Романската фудбалска федерација ја потврди смртта на 44-годишниот поранешен играч од средниот ред, кој играше деветпати за националниот тим, вклучително и во квалификациите за Светското првенство и за Европското првенство од 2007 до 2011 година.
„Романската фудбалска федерација изразува најискрено сочувство до семејството, до пријателите и до сите што го познаваа Габриел Мурешан“, се вели во соопштението на фудбалската централа на балканската земја.
Тој беше „посветен слуга на нашата заедница“, се вели во соопштението на општината на романскиот град Аполд, каде што Мурешан беше градоначалник од 2020 година.

Најуспешниот период во кариерата на Габриел Мурешан беше со тимот на Клуж, каде што освои три титули и три романски купа во рок од шест сезони.
Мурешан играше во три сезони во групната фаза од Лигата на шампионите, вклучувајќи натпревари против Челзи, Манчестер јунајтед и Рома. Тој исто така играше за Глорија Бистрица, Газ Метан Медијаш, Таргу Муреш и рускиот клуб Том Томск.
УЕФА, исто така, изрази сочувство за смртта на Мурешан.

