Трагедијата можела да биде избегната: Детална реконструкција на кобниот лет

Датумот 26 јануари 2020 година ќе остане во сеќавање на многу љубители на кошарката затоа што тоа е денот кога светот загуби еден од најдобрите на сите времиња. Коби Брајант загина во хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес.

Хеликоптерот „сикорски С-76Б“ во неделата полета кон „Мамба академијата“, каде што неговата 13-годишна ќерка Џиџи требаше да игра кошаркарски меч. Летот бил планиран да трае 40 минути, во кои требало да се поминат 112 километри. Сепак, хеликоптерот не стигна до посакуваната цел. Се сруши на 27 километри од „Мамба академијата“, а смртно настрадаа сите деветмина луѓе коишто беа во хеликоптерот.

Многу експерти, познавачи се вклучени во откривањето на причината поради која хеликоптерот, кој важи за еден од најсигурните во светот, се сруши. Во „Њујорк тајмс“ излезе детална анализа за тоа како најверојатно се случила несреќата.

Ара Зобајан беше пилотот кој го возеше кобниот лет. Тој важел за искусен пилот. Во јавноста се појави и аудиоснимка од разговорот меѓу пилотот и контролната кула.

Во деталната анализа на „Њујорк тајмс“ пишува дека Ара решил на овој лет да се потпре исклучиво на сопствениот вид иако прегледноста била намалена поради густата магла. Опција постоело и да се користат „инструментални правила на летот“, по кои информациите ќе се добиваат електронски за условите на теренот на којшто лета хеликоптерот. За тоа колку често Коби го користел хеликоптерот како превозно средство покажува и фактот дека само овој месец, тој 42 пати полетувал.

„Воздушниот простор над Јужна Калифорнија е многу фрекфентен и може да ви кажат дека треба да чекате и цел час. Ако побарате „инструментални правила на летот“, тогаш сте еден од многуте кои ќе чекате, без разлика што вие сте Коби Брајант“, објаснува Пол Клејн, професор-асистент на авијацијата на Градскиот универзитет во Њујорк.

Во текот на летот, пилотот бил предупреден дека има густа магла и дека лета прениско. „Додека летале над централниот дел на ЛА, тие поминале и над „Стејпл центарот“, салата во која Коби помина 20 години од кариерата. Потоа продолжил по планот и можел да го прати автопатот затоа што и пилот без многу ориентација може да се снајде во Ел-Еј само со следење на сообраќајот.

Во еден момент, пред да влезе во долината Сан Фернандо, во близина на аеродромот морал да добие дозвола од контролата на летот. Тука ја намалил брзината и започнал со серија вртења налево. По 11 минути добил одобрение и летот продолжил“, објаснува професорот Клејн.

Летот се движел кон својата цел, но потоа се случило нешто што не требало да се случи.

„Хеликоптерот повеќе не летал над широкото пространство над урбаниот Лос Анџелес. Бил над ридест предел, а имало и магла во текот на целиот лет. Видливоста не можела да биде повеќе од 100 метри. До 9:45 часот температурата се зголемувала, маглата полека ја снемувало, но останале дебели ниски облаци. Со желба да направи сигурносен појас покрај ридестиот предел, пилотот најверојатно започнал нагло да го крева хеликоптерот, затоа што за 36 секунди ја зголемил висината за 300 метри. На тој начин хеликоптерот се нашол многу блиску до густите облаци кои во тоа време биле во близина на аеродромот“, е претпоставката во анализата на „Њујорк тајмс“.

Доколку хеликоптерот влегол во облак, тогаш добил невидлива линија пред себе. Тогаш пилотите мора да летаат на слепо.

„Кога се наоѓате во таква ситуација, вашите сетила едноставно се бескорисни. Јас секогаш имам чувство дека паѓам на десната страна. Некои имаат чувство дека паѓаат на другата страна или дека одат нагоре“, објаснува професорот, кој ги кажува опциите кои во тој момент ги имал пилотот Ара.

Морал брзо да го подигне хеликоптерот нагоре бидејќи бил свесен дека пред него се наоѓа ридест предел или вертикално да ја намали висината и да излезе од облакот за да добие визуелен контакт. Иако овие две опции биле најлогични, пилотот не одбрал ниедна од нив. По 18 секунди од моментот кога почнал да се врти, хеликоптерот ја намалува висината за 250 метри и се врти кон Исток.

Во тој момент, веројатно од паника поради намалената видливост и губењето ориентација, пилотот најверојатно заборавил дека и од страните може да е ридест предел. Со брзина од околу 270 километри на час хеликоптерот удрил во ридот и се срушил. Ударот бил толку силен, што парчиња од хеликоптерот биле расфрлени и на 100-тина метри.

Тоа е деталната проценка на професорот од Универзитетот, кој сепак не ја исклучува можноста дека дури и на толку добар хеликоптер може да му се случи дефект или некој друг механички проблем. Во хеликоптерот немало црна кутија, а официјалната истрага засега уште не ги дала одговорите за несреќата во која светот остана без еден од најголемите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант, неговата 13-годишна ќерка Џиџи и уште седуммина други луѓе.

- Оглас -

Најнови вести